Поткуп и заплашување
20 мај
Заплашувањето на гласачите беше „најсериозниот идентификуван проблем“ од страна на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите 2009 година и властите беа охрабрувани да преземат решителни чекори за справување со ситуацијата. По изборите во 2009 г. беше формирана работна група од страна на владата за решавање на ова прашање и неодамна беа усвоени неколку заклучоци како средство против можното заплашување на гласачите на претстојните избори. Меѓутоа, останува уште многу да се направи за да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР во оваа област.
Извештај на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за процена на потребите
(OSCE/ODIHR Needs Assessment Mission Report), 5-7 април 2011.
Авторка на текстот: Џулија Брадерс,
Оддел за изборни и политички процеси,
Национален демократски институт
Поткупот и заплашувањето се средства преку кои поединци или групи сакаат да го променат исходот на изборите. Поткуп и заплашување може да се појават на различни начини, во различни периоди од еден изборен процес, вклучително и во предизборниот период, на Денот на изборите, како и во постизборниот период. Без оглед на формата или степенот, со овие постапки се крши основното право на поединците слободно да изберат за кого ќе гласаат, без непотребни влијанија.
Поткуп е чинот на давање пари или подароци во замена за противуслуга. Еден од најочигледните облици на поткуп за време на избори е купувањето гласови. Сепак, кандидатите или засегнатите страни можат да користат и посуптилни форми на поткуп, како што е користењето државни ресурси за да понудат работни места или проекти за развој на заедниците или поткуп на полицијата или членовите на изборните комисии за да се заобиколат процедурите.
Заплашувањето претставува закана за повреда или наштетување со цел да се влијае лицето да се однесува на одреден начин. Заплашувањето за време на избори може да создаде психолошки и социолошки пречки за слободното изразување и гласање. Заплашувањето може да го изврши кој било чинител во изборите, како што се кандидатите, партиските симпатизери, припадниците на обезбедувањето, членовите на изборните комисии или самите гласачи. Таквите дејствија може да ја задушат кампањата, да ги наведат гласачите да поддржат одреден кандидат или партија или целосно да го обесхрабрат одѕивот на гласачите.
Можеби најважно за борбата против поткупот и заплашувањето е информирањето на граѓаните за нивните права и развојот на механизми за известување и за регулирање на ваквите практики, како на пр. построги анти-корупциски закони. Во многу земји, организациите на граѓанското општество лансираат кампањи за време на предизборниот период со цел да се поттикне транспарентност и да се одржи одговорноста на чинителите. Имајќи предвид дека најголем број од случаите на поткуп и заплашување веројатно ќе се случат многу порано од денот на изборите, ефективното предизборно набљудување од страна на непартиски граѓански набљудувачки групи може да помогне да се идентификуваат инцидентите и веднаш да се извести јавноста.
Пример од изборите во Уганда во 2011 г.: домашните организации за набљудување на изборите ДЕМГруп (DEMGroup) и Граѓанската коалиција за изборна демократија (CCEDU) спроведоа сеопфатна стратегија за набљудување која вклучуваше директна телефонска линија на која граѓаните можеа да ги пренесат стравувањата за интегритетот на изборите пред, за време на и по Денот на изборите, како и нивната загриженост поради поткупот и заплашувањето. Информациите беа дигитално мапирани и достапни за јавноста да ги разгледува и користи за спречување на идентификуваните проблеми. Мапираните податоци и повеќе информации за кампањата може да се најдат на следниот веб-сајт: www.ugandawatch2011.org.
Националниот демократски институт е непрофитна, непартиска организација која работи на поддршка и зајакнување на демократските институции во светот преку граѓанско учество, отвореност и одговорност на владата. Информации за програмите на Националниот демократски институт поврзани со изборите може да се најдат на: www.ndi.org/content/elections.


Македонски
Shqip 






