Благодарност
21 јун
Во име на НДИ Македонија би сакал да изразам огромна благодарност до сите оние кои придонесоа кон оваа значајна граѓанска кампања за поддршка во спроведувањето на Кодексот на однесување за фер и слободни избори. Кампањата „Каков белег ќе оставиме?“ не само што беше многу забележлива за време на предизборниот период, туку и преку својата извонредна привлечност за граѓаните и видливо прифаќање од сите политички партии придонесе кон создавање на атмосфера каде што изборните нерегуларности или прекршувања не се прифатливи.
Кампањата започна со потпишувањето на Кодексот на 12 мај во Скопје. Тогаш добиеното внимание на медиумите и на пошироката јавност продолжи се до денот на изборите, 5 јуни. Националната кампања за подигање на јавната свест ги вклучуваше не само традиционалните, туку и „новите медиуми“, кои известуваа за бројните активности на локално ниво во сите шест изборни единици.
Статистиката поврзана со оваа кампања е импресивна. Триесет и девет претседатели на политички партии го потпишаа Кодексот. Преку 3200 граѓани исто така се потпишаа во знак на поддршка, лично но и преку интернет, додека многу други ја користеа официјалната веб-страница, Фејсбук, Твитер и Фликр за понатамошно ширење на пораките. Националните и локалните медиуми ја одиграа својата улога преку сеопфатно покривање на кампањата. Близу 4900 ТВ-спотови (ефективен опсег на население преку телевизија: 92.08% од население постаро од 18 год. ја виделе пораката барем еднаш, додека 88,14% три или повеќе пати!!!) и 2400 радио емитувања беа емитувани на националните и локалните мрежи. Два „каравани“ ја обиколуваа земјата секој викенд и целата последна седмица од предизборната кампања, при што е остварен контакт со преку 40.000 граѓани. Кога на ова ќе се додаде бројката од 4500 постери истакнати на огласни табли или седишта на политички партии, 90.000 поделени летоци, 20.000 истакнати налепници и 6000 беџови кои ги носеа претставниците на сите партии, се добива слика за огромниот ефект на оваа кампања која уживаше широка поддршка.
Со сиот ризик случајно да испуштам некого, а ве молам да ми простите доколку тоа е случај, би сакал да истакнам посебна благодарност до:
- Тимот на Националниот демократски институт (НДИ), и во Скопје и Вашингтон, за нивната напорна работа и ипмресивни резултати – преку 280 остварени средби со претставници на политички партии, релевантни локални авторитети и граѓански организации; 12 јавни настани/трибини на кои учествуваа локалните партиски раководства и странски амбасадори; посетени близу 100 партиски митинзи на кои се делеше промотивен материјал од кампањата, итн.
- Вработените во Институтот за парламентарна демократија (ИПД) и тимот од асистенти во канцелариите на пратениците за комуникација со граѓаните ширум Македонија, за нивната активна поддршка на теренската кампања и промовирањето на 66 настани од караванот во сите краишта на земјата:
- Метаморфозис за раководењето со централната интернет страница за оваа кампања www.ferizbori.mk. Исто така за унапредувањето на примената на нови технологии за друштвено вмрежување, како и за поттикнувањето на интернет заедницата во промовирање на модерни демократски трендови во Македонија. Иновативната употреба на социјалните медиуми во оваа кампања може слободно да се смести при врвот на процесот на граѓанско застапување.
- МОСТ и нивните 3700 набљудувачи што се погрижија кампањата да биде видливо истакната на сите нивни настани, во сите нивни канцеларии и понатаму промовирана на сите конференции за печат, како и на денот на изборите кога сите набљудувачи го носеа логото на кампањата;
- Македонското женско лоби за организирањето на 11 локални јавни дебати со кандидатки од сите политички опции, со што се овозможи жените да не бидат само видени, туку и чуени од електоратот;
- Политичките партии за поддршката на церемонијата на потпишување на Кодексот, вметнување на логото од кампањата „Каков белег ќе оставиме?“ во нивните промотивни материјали и веб-страници, како и за носењето на беџот од страна на нивните кандидати во текот на целата кампања;
- Медиумите за одржување висок степен на застапеност на кампањата што во голем дел го надмина платеното огласување, за обезбедување покриеност на настаните, но и за значајната видлива поддршка преку носењето на беџот од страна на презентерите на ТВ-вести;
- Меккен Ериксон (McCann Erickson), агенцијата за маркетинг и односи со јавност која ја користевме за оваа кампања, за нивната напорна работа, безпрекорната приспособливост и способноста да реагираат брзо за потребите на кампањата, каде пак токму таквата можност за приспособување на „промени“ претставуваше интегрална компонента;
- Меѓународната заедница за нивната поддршка на кампањата и промовирање на Кодексот при секоја можна прилика;
- Мисијата на УСАИД во Македонија за нивната финансиска помош, без која спроведувањето на Кодексот на однесување за фер и слободни избори не би било можно. Нивниот великодушен придонес како и вербата во значајноста на оваа кампања обезбеди финансирање на медиумската и теренската кампања, вклучувајќи ги и промотивните каравани кои ја обиколија земјата;
- Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија за финансиската поддршка на програмата на Метаморфозис, наменета за промоција на кампањата за фер изобри на интернет и преку новите медиуми;
- Министерството за надворешни работи на Чешката Република за нивниот финансиски прилог кон одржувањето на локалните дебати организирани од Македонското женско лоби.
Крис Хеншоу
Директор
НДИ Македонија




Македонски
Shqip 






